Просечната нето-плата стигна до 48.779 денари

од Вести365.МК Ј.Р.

Националниот просек на нето-платите продолжува да расте. Во април достигна 48.779 денари, објави Државниот завод за статистика. Тоа е раст од 7,3 проценти во однос на пред една година. Сепак, реалното зголемување, ако се пресмета колку пари изела инфлацијата, изнесува 1,6 проценти, покажуваат статистичките податоци.

„Ваквото зголемување се должи, пред сѐ, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите: Финансиски дејности и дејности на осигурување за 27.0 %, Снабдување со вода; отстранување на отпадни води, управување со отпад и дејности за санација на околината за 9,4 % и Трговија на големо и трговија на мало; поправка на моторни возила и мотоцикли за 9,2 %“, објави ДЗС.

Растот на платите во април во однос на март, во номинален износ бил 0,7 проценти, но во релен износ – има намалување од 0,6 проценти.

„Зголемување на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во однос на претходниот месец, е забележано во секторите: Финансиски дејности и дејности на осигурување за 20.1 %, Трговија на големо и трговија на мало; поправка на моторни возила и мотоцикли за 2.1 % и Административни и помошни услужни дејности за 2 %“, соопшти ДЗС.

Слични објави