Припадници на Баталјонот на специјални сили спасија тешко повреден алпинист од непристапен терен кај Демир Капија

од Вести365.МК Ј.Р.

Припадниците на Баталјонот на специјални сили (БСС) успешно реализираа сложена спасувачка акција за евакуација на тешко повреден алпинист од непристапен терен во реонот на Демир Капија. За време на изведувањето на редовна напредна обука за планински операции, припадниците на БСС беа алармирани за несреќа што се случила во непосредна близина, при која цивилно лице – алпинист, во текот на качувањето по карпи, паднало на исклучително стрмен и непристапен терен, при што се здобило со тешки телесни повреди, соопштија денеска од Генералштабот на Армијата.

– Веднаш по добивањето на информацијата, припадниците на специјалните сили пристапиле кон организирање и спроведување на спасувачката акција. На повреденото лице му била укажана прва медицинска помош на местото на несреќата, по што, со употреба на специјализирана алпинистичка и спасувачка опрема, било извршено безбедно извлекување од непристапниот терен и транспорт преку реката – се додава во соопштението.

По успешно извлекување до пристапна точка, повредениот алпинист бил предаден на екипите на Итната медицинска помош за понатамошно згрижување и лекување.

– Оваа успешна интервенција уште еднаш ја потврдува високата обученост, професионалноста, подготвеноста и способноста на припадниците на Баталјонот на специјални сили за дејствување во сложени и ризични услови. Воедно, таа е потврда за нивната пожртвуваност, решителност и подготвеност за ангажирање во најпредизвикувачки ситуации, во служба на граѓаните и заштита на човечките животи – нагласуваат од Генералштабот.

Слични објави