Премиерот на Молдавија, Александру Мунтеану денеска поднесе оставка од функцијата, што ќе доведе до распуштање на Владата.
– Денеска завршува мојот мандат како премиер. Во моментот кога сфатив дека повеќе не можам да го извршувам мојот мандат во согласност со моите принципи и верувања, решив да се повлечам, објави 62-годишниот Мунтеану на платформата Икс.
Мунтеану беше именуван за премиер во ноември 2025 година откако Партијата за акција и солидарност (ПАС), на претседателката Маја Санду, убедливо победи на парламентарните избори во септември минатата година.
Санду сега треба да одржи консултации со парламентарните партии, а потоа да именува кандидат за премиер.
Молдавија е лоцирана помеѓу Украина и Романија, и е земја-кандидат за членство во Европска Унија. Мнозинството од населението зборува романски, додека големо малцинство зборува руски јазик. Политичката моќ со децении флуктуира помеѓу партиите што поддржуваат поблиски врски со Европа и оние што бараат подобри односи со Москва. (МИА)