СДСМ преку соопштение ја обвини Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ дека наместо конкретни резултати и исполнети ветувања, на граѓаните постојано им нуди нови рокови и најави.
Од партијата реагираат на најавата на премиерот Христијан Мицкоски дека реконструкцијата на Владата треба да биде завршена до 1 јули, оценувајќи дека станува збор за уште едно одложување на вистинските проблеми со кои се соочуваат граѓаните.
„Пред само неколку недели Мицкоски тврдеше дека до 1 јуни ќе бидат реализирани клучни реформи. Тој рок помина без конкретни резултати, без одговорност и без објаснување зошто ветувањата не беа исполнети“, велат од СДСМ.
Според опозициската партија, најавената реконструкција не претставува суштинска промена, туку само кадровски поместувања во рамките на истата политика.
„Реконструкцијата не ги зголемува платите, не ги намалува цените, не ги враќа младите во државата и не го придвижува европскиот процес. Тоа е само преуредување на фотелји во рамките на истата власт“, наведуваат од СДСМ.
Од партијата прашуваат кој ќе понесе одговорност за, како што велат, неисполнетите реформи и за застојот на европскиот пат на државата.
„Мицкоски веќе две години функционира по принципот ‘од први до први’. Секогаш има нов рок и ново ветување, но нема резултати. Граѓаните повеќе не веруваат во рокови и најави, туку очекуваат конкретни решенија и подобар животен стандард“, се наведува во реакцијата на СДСМ.
Оттаму оценуваат дека најавените промени во Владата нема да донесат суштински резултати доколку не се промени, како што велат, досегашниот начин на владеење и економските политики.