Европската комисија го утврди официјалниот распоред за поместување на стрелките на часовникот, според кој преминот кон зимското сметање на времето годинава ќе се случи на 25 октомври. Во ноќта меѓу сабота и недела, во 03:00 часот по полноќ, времето ќе се врати еден час назад, односно на 02:00 часот.
Дефинираниот календар ги опфаќа и следните неколку години, па така летното сметање на времето во 2027 година ќе започне на 28 март, а ќе заврши на 31 октомври. Сепак, утврдениот распоред не гарантира дека практиката ќе продолжи до 2031 година, бидејќи доколку Европската унија донесе нова регулатива во меѓувреме, сезонската промена на времето може да биде укината и порано.
Процесот за крај на поместувањето на стрелките трае веќе подолго време. Иако Европскиот парламент уште во 2019 година изгласа нацрт-закон со кој промената требаше да престане во 2021 година, одлуката е ставена на чекање. Главната пречка е недостатокот на согласност меѓу земјите-членки околу тоа дали трајно да се задржи летното или зимското сметање на времето.
Македонија го применува истиот систем како и членките на ЕУ. Според овие правила:
Летното сметање започнува последниот викенд од март, кога во 02:00 часот стрелките се поместуваат за еден час напред (на 03:00 ч.).
Зимското сметање започнува последниот викенд од октомври, кога во 03:00 часот стрелките се враќаат за еден час назад (на 02:00 ч.).