Работната група за измени на Уставот има мандат да работи само за тоа што е формирана на барање на Владата, сите други изјави на политичари немам намера да ги коментирам, децидна е Маргарита Цаца Николовска, претседателка на работната група за измени на Уставот во изјава за „Слободен печат“.
Со ова, Николовска од старт ги елиминира сите барања на лидери на партии, но и на политички претставници и експерти во работната група кои отворањето на Уставот го гледаат како добра шанса највисокиот правен акт да претрпи и други измени, освен промена на Преамбулата за впишување на Бугарите и на други помали заедници, како обврска од т.н. „ француски предлог“ за Македонија во ноември да го продолжи евроинтеграцискиот пат.
„Партиите може да зборуваат како сакаат и да се претставуваат на овој или на оној начин. Тоа што е мандат на работната група е наведено во решението за формирање на тоа тело, таму се наведени причините и нашиот мандат. В петок работната група ќе го гласа деловникот за работа, односно како ќе работиме и врз кои елементи ќе носиме одлуки. Мене ми е доделена експертска работа. Нам ни е доверено да го дадеме целокупното наше знаење. Како пратениците понатаму ќе одлучуваат е нивна обврска, но и одговорност. Сите настапи и изјави на политичари не можам да ги прифатам како релевантни за нашиот мандат. Нам ни е одреден мандатот и ќе постапуваме во тој мандат“, вели Николовска и додава дека неа никој не може да ѝ врши притисок да работи надвор од мандатот, рече таа.