Митева: На 16 август уште еден голем настан во Струмица – настапуваат Paul van Dyk и Paul Oakenfold

од Вести365.МК Ј.Р.

Двајца од најголемите и највлијателни артисти во историјата на електронската музика, Paul van Dyk и Paul Oakenfold, ќе настапат во Струмица на 16 август во Градскиот парк, како дел од манифестацијата „35 години независност на Македонија“ која започнува на 2 август – Илинден во Битола, а завршува на 8 септември во Скопје!

Од Градскиот парк во Струмица беше најавен уште еден грандиозен настан којшто ќе биде во склоп на одбележувањето на 35 години независност на Македонија.

-Навистина како Влада ветиме уште од самиот почеток дека ова ќе биде настан којшто ќе се случува во повеќе градови низ Македонија, сè со цел да дадеме повеќе достапност, да имаме повеќе единство и да размислуваме за тоа како достоинствено Македонија да ги одбележи 35 години независност. Јас сум сигурна дека ова што ќе го најавиме денеска и датумот на којшто ова ќе се одржува ќе биде навистина посетен од цела Македонија затоа што еден ваков настан заслужува почит, заслужува навистина достоинствено одбележување, истакна владината портпаролка Марија Митева.

Како што веќе беше најавено на 2 август се започнува со голем концерт во Битола.

-Имавме прес-конференција на којашто објавивме дека над 120 македонски уметници низ повеќе градови ќе бидат низ Македонија, во текот на цел месец август. Почнуваме од 2 август и со централниот настан на 8 септември, на Дејвид Гета, на Градскиот стадион, веќе ќе го заокружиме концептот околу одбележувањето. Дополнително го најавивме и оној грандиозен настан на 1 септмеври со Хозе Карерас и со најдоброто од Македонија, со македонски уметници. Навистина ценам дека она што како Влада го имавме како концепт заедно со организаторот, а тоа е етапно да ги најавуваме настаните, најавивме дека ќе бидат повеќе настани, дека ќе се трудиме достоинствено да одбележиме еден голем јубилеј за нашата Македонија, рече Митева.

Слични објави