Куновска: Големи несогласувања меѓу Заев и Ковачевски

Софија Куновска, поранешната претседателка на градската организација на СДСМ на Скопје, претпладнево во емисијата „Утринска“ на Телма рече дека во моментов во владејачката партија, според нејзини сознанија, владее големо незадоволство, но и дека има несогласувања помеѓу актуелниот и претходниот претседател – Димитар Ковачевски и Зоран Заев.

– Таму не може да се поправат работите со менување само на еден човек на чело на Владата, ако се знае дека тој човек условно речено е „донесен за раче“ од претходниот претседател. Влијанието и во формирањето на таа Влада беше голема. Денеска можеби има разидување и меѓу нив двајца, за што се погласно се зборува.

Во СДСМ имало гарнитури со различни мислења од Владо Бучковски, Никола Поповски, Радмила Шеќеринска , состаноците на ИО траеле до 4 изутрина на многу високи тонови, но членовите утредента повторно биле другари. Тоа денес не може да го замислите, одлуките се носат во тесни групи на критериумот на лојалност, а состаноци практично нема, рече Куновска.

Според поранешната пратеничка на СДСМ, праксата со исфрлувањето на неистомислениците започнало со Зоран Заев. Смета дека треба да има повеќе „трети опции“ на следните избори и дека самите граѓани го бараат тоа.

– Има големо незадоволство помеѓу членството иако има обиди да се мобилизира. Тие мислат дека почнувањето преговори со ЕУ е магично стапче кое треба да ги прикрие сите проблеми со кои се соочува општеството. Но граѓаните се сити од тоа, бараат борба против корупција, помина пристојно време, но гледаме тотална хаварија во судството, јавните обвинителства и целата држава.

ВМРО-ДПМНЕ ја пропушти шансата да расчисти самата со себе, од времето кога имаше луѓе кои се збогатија и направија сериозни злоупотреби на власта. ВМРО-ДПМНЕ не се потруди радикално да расчисти со минатото и да се постави на нова основа. Посакувам да се случи нова политичка опција. Има многу незадоволни пасивизириани од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и би би било добро да има нова политичка опција. Гледам дека има такви иницијатиови – еве од Максим Димитриевски и Никола Димитров, рече Куновска.

Таа додаде дека најголемото незадоволство од раководењето на партијата кај неа побудило тоа што се објавувале „бомбите“ без да се знаат нивните содржини однапред, како и барањето по изборите во 2014 да се вратат пратеничките мандати.

Слични објави