Бугарите успеаја да ги наметнат своите барања и тие влегоа во преговарачката рамка со ЕУ, па не можеме да знаеме дали понатаму ќе прави проблеми ако ги направиме уставните измени, вели политичкиот аналитичар Александар Кржаловски во СТУДИО 10 на ТВ 24.
-Во протоколот има многу точки кои подоцна ќе зависат од Бугарија. Но засега тоа е второстепено оти прво ние мора да ги решиме работи дома, вели тој.
Кржаловски вели дека речиси никој во државата нема против европскиот пат на државата, оттука бесмислени се обвинувањата дека некој е против ЕУ. Реакциите лани беа што самиот предлог отстапуваше од европските вредности, додава тој наведувајќи дека се нарушува достоинството на народот и суверенитетот и тоа беше проблем за кој реагираа невладините организации.
– Генерално немаме друга алтернатива освен ЕУ, но забораваме дека ние 30 години ја живееме алтернативата на ЕУ оти сме надвор од неа. Во оваа алтернатива живееме речиси колку што живеевме во Југославија. Кај нас е проблемот што ние не правиме ништо да ги воведеме европските стандарди вредности. Јас очекувам Холандија следно да стави вето и тоа поради корупцијата, вели Кржаловски.
Владата се нафати на овој процес без да го праша народот, ние не разговараме и не се убедуваме и функционираме на поларизација, па мора да доаѓаат други отстрана да не убедуваат.
– Белата куќа ќе направи како што ќе направиме ние. Тие не признаа и како Република Македонија, кога го сменивме името го прифатија тоа. Ни ВМРО-ДПМНЕ не вели дека е против процесот туку дека е против начинот на кој се води, вели Кржаловски коментирајќи ги острите изјави на дипломатите на САД кои некои ги толкуваат како закани.
Кржаловски вели дека се покажа со искуството со Грција дека времето не работи за нас. Ако Глигоров се согласеше на Лисабонската декларација во 1992 година и да не се викаме Македонија сега ќе бевме во ЕУ заедно со Словенија, додава тој и вели дека во меѓувреме имавме и подобри предлози од овој што го прифативме со Грција. Кржаловски повторува дека овој договор со Бугарија го гази достоинството на човекот.
– Русија поделила 80.000 пасоши во Украина и ЕУ вели дека со тоа се уништува украинскиот идентитет. Бугарија има дадено повеќе пасоши во Македонија и за ЕУ тоа не е проблем. Премиерот вели дека никој не бил асимилиран, но во Бугарија и Грција исчезнаа Македонците со тек на времето и сега веќе не се појавуваат на пописите. Ние може да не се викаме Македонци и да бидеме членка на ЕУ, вели Кржаловски.