Откако викендов беше „уловен“ шофер на камион кој нелегално одлага отпад во Долно Лисиче, согласно најавите, денеска инспектори на Општина Аеродром на фирмата „ХСА-Констракшн“ ѝ врачија казна од 20.000 евра за незаконско одлагање градежен шут, информираат од локалната самоуправа.
Претходно, во саботата градоначалникот Дејан Митески објави видео на кое можеше да се забележи како товарен камион на сега веќе казнетата компанија од Батинци нелегално исфрла огромна количина градежен отпад на локацијата позната како Купишта, по што Општината најави санкции за правното лице.
-При вонреден инспекциски надзор во Долно Лисиче, на локацијата викана „Купишта“, затекнат е камион кој незаконски одлагал отпад од градежен шут, спротивно на Законот за управување со отпад. Од страна на општинскиот инспекторат е издаден прекршочен платен налог за правното лице. За сторениот прекршок е изречена глоба од 20.000 евра во денарска противвредност – се вели во информацијата од Општината.

Оттаму најавија дека локалната самоуправа ќе продолжи со засилени инспекции и ќе продолжи да казнува загадување и создавање нови диви депонии на територија на Аеродром и упатија апел до граѓаните и компаниите соодветено и совесно да го депонираат отпадот.
Апелираме до сите граѓани и компании совесно да постапуваат со отпадот и да ги почитуваат законските прописи. За секое несовесно однесување ќе следуваат санкции – велат од Општина Аеродром.