Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова упати честитка до поглаварот на Исламската верска заедница, Шаќир еф. Фетаи, како и до сите верници од исламска вероисповед.
„Дозволете ми Вам, лично, на членовите на Ријасетот, муфтиите, имамите и на сите верници од исламска вероисповед, да Ви упатам искрени честитки по повод големиот празник Курбан Бајрам, со желба да го поминете во мир, радост и семејна благосостојба“, се наведува во честитката на претседателката.
Сиљановска-Давкова истакнува дека во свет оптоварен со неизвесност, недоверба, отуѓеност и ослабено чувство на заедничка припадност, големите празници имаат посебна духовна димензија и сила.
Таа оценува дека Курбан Бајрам, преку својата симболика на жртва и дарежливост, пренесува важни вредности за моралната зрелост на општеството: хуманост, емпатија, солидарност и одговорност кон другиот.
„Токму во способноста да се зачува и изрази љубовта и грижата за ближниот, дури и во моменти на разлики и предизвици, се препознава и мери интеграцијата на општеството. Само преку разбирање, заемно почитување и култура на почит, различностите можат да бидат предност, а не слабост, да станат мост, а не пречка, и да прераснат во единство, надминувајќи ги поделбите. Честит Курбан Бајрам“, се додава во честитката.
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, исто така упати честитка по повод празникот, посакувајќи благосостојба, здравје, духовен мир и среќа во семејствата.
Гаши нагласува дека на денот на Курбан Бајрам, празникот на жртвата, хуманоста и блискоста меѓу луѓето, се обновуваат највисоките вредности на солидарност, разбирање и меѓусебна почит.
Тој додава дека празникот потсетува на важноста од грижа за ближните и споделување добрина со семејството, соседите и со сите на кои им е потребна поддршка и човечка топлина.
„Курбан Бајрам е исто така повик за поголемо единство, мир и хармонија во нашето општество…“, се наведува во неговата честитка.
Честитка упати и премиерот Христијан Мицкоски, кој посакува здравје, мир и благосостојба за сите семејства.
Во неговото обраќање, Мицкоски истакнува дека Курбан Бајрам носи вредности на солидарност, хуманост и меѓусебна почит, повикувајќи на градење општество на разбирање, единство и почитување, каде различностите се сила, а заедништвото иднина.
Тој додава дека празничните денови треба да донесат радост, топлина и надеж во секој дом.