Трговијата со дрога во Германија стана дигитална, па во Берлин може да нарачате „ткокаин – такси“ преку Телеграм.
Според весникот „Франкфуртер алгемејне цајтунг“ (ФАЗ), веќе неколку години во главниот град на Германија е можно да се повика такси што пристигнува директно во куќата на клиентот или пред ноќен клуб.
Податоците на берлинската полиција покажуваат дека во 2022 година имало 319 „трговски трансакции со наркотици преку услуги за испорака“.
Истовремено, полицијата предупреди дека веројатно е многу поголем бројот на непријавени случаи.
„Феноменот е неверојатно распространет и тешко се контролира“, додаваат од берлинската полиција.
Марко, чиј вистински идентитет е заштитен, водел група на Телеграм преку која можело да се нарача кокаин во Берлин.
Групата имала околу 16.000 членови, за кои биле „проверени“ шест дилери и кои најверојатно требало да платат одреден процент од заработката на основачот на групата.
Во изјава за ФАЗ, Марко вели дека подоцна формирал своја групација со индивидуални дилери и дека за кратко време можел да заработи многу пари.
Шефот на одделот за борба против наркотици во Берлин, Карстен Пфол, вели дека ако некој формира група и ја стави на располагање на корисниците и дилерите само како платформа, а никогаш не дојде во контакт со дрога, тоа не е казниво.
Затоа, како што наведува, борбата против кокаин-таксистите е голем предизвик.
Друг проблем е фактот што Телеграм одбива да им даде какви било информации на истражителите.
„Операторите се лоцирани во Дубаи и воопшто не соработуваат“, рече Пфол, додавајќи дека автомобилите обично не се регистрирани на возачот.
Сепак, тој посочува дека возачите не треба да се чувствуваат премногу безбедно бидејќи во Берлин секојдневно се случува полициската патрола да набљудува луѓе кои го запираат автомобилот, пуштаат некого, го возат 100 метри и потоа повторно го пуштаат патникот.
Пфол вели дека личноста која го напушта возилото често многу брзо признава дека купила наркотици.
„Ако подоцна го запрете возилото, го имате и продавачот и со тоа сте го решиле делото“, рече тој.
Од друга страна, адвокатот Ехсан Казаели посочува дека повеќето од фатените немаат од што да се плашат бидејќи ги знаат прописите и често им се заканува само условна казна.
Анализата на отпадните води во Берлин заклучи дека употребата на кокаин во тој град е зголемена за 58 отсто во последните пет години.