Кошаркарите на Реал Мадрид се причина за завршувањето на натпревар во Евролигата пред време, поради големата тепачка што ја исценираа по поразот од Партизан. Играта беше прекината со 100 секунди до крајот и резултатот беше 95-80 за Партизан. Судиите мораа да ги исклучат сите кои учествуваа во гужвата, па мечот не можеше да продолжи.
Иницијаторот на гужвата беше Серхио Љуљ, кој го удри Кевин Пантер. Но, епитетот најголем дивјак го заслужи Гершон Јабуселе, кој го повреди Данте Ексум со боречки зафат, повредувајќи го неговиот зглоб. Казната за Јабуселе ќе биде жестока, а очекува се да биде испратен на подолго ладење.
Партизан веќе води со 2-0 во серијата до три победи и ќе има прва меч-топка за пласман на фајналфор-турнирот во преполната „Штарк Арена“ во Белград во вторник.
На крајот тренерот на Партизан, легендарниот Жељко Обрадовиќ изјави:
„Имаме 2-0 и среќни сме за начинот на кој игравме. Она што се случи на крајот не е добра слика ниту за Реал Мадрид, ниту за Партизан. Ова не смее да се повтори никогаш. Ќе се обидам да ги смирам тензиите.
Евролигата ќе решава за казните, има видео снимка и убаво се гледа кој го почна инцидентот“
Дел од медиумите шпекулираат со казни за Пантер, Лесорт, Дек, Јабуселе и Љуљ. Скоро сигурно третиот натпревар во Белград нема да биде со истите ростери како на двата натпревари во Мадрид.