Бред Пит е забележан во костим на британската патека „Силверстоун“ вчера пред „Гранд-при“ трката во Формула 1, каде се снимале сцени од неговиот претстоен филм за овој спорт.
Холивудската ѕвезда и неговиот колега Демсон Идрис беа во бело-црни тркачки костими од измислениот тим „Еј-пи-екс-џи-пи“ (APXGP), меѓу вистинските Ф1-возачи кај патеката во Нортемптоншир. А пак, седумкратниот светски шампион Луис Хамилтон дејствува како еден од продуцентите на засега ненасловениот филм на „Епл“, кој се продуцира во соработка со Ф1, со посебен пристап до тркачките патеки и возачите.
Морам да кажам, во моментов сум малку замаен. Одлично е да се биде овде. Колку само се смееме – навистина уживам во времето минато тука, изјави Пит (59).
Откривајќи повеќе подробности за филмот, тој појасни дека неговиот лик е Ф1-возач од 90-тите, но се префрлил во други дисциплини откако доживеал ужасна несреќа. Неговиот пријател и сопственик на тимот, кого го глуми Хавиер Бардем, се обидува да го врати тркачот во врвот на тој спорт за да го издигне својот тим на табелата.
Филмот треба да биде автентичен колку што може, па имаме и стручњаци од Ф1 кои работат на „претставата“ како на вистинска работа. И Луис (Хамилтон, б.п.) е наш продуцент, па навистина имаме намера да го испочитуваме спортов – да го покажеме онаков каков што е навистина, додаде Пит.
Во четвртокот, и Хамилтон зборуваше за снимањето, па рече дека целта е љубителите на филмот да ја засакаат Формула 1, како и суштината на овој спорт.