Македонската Армија денеска доби 53 нови офицери на свечената промоција што се одржа на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“. Промовирани беа 36 питомци од 26. класа, 16 слушатели од Курсот за стручно оспособување и усовршување на офицери за службите на Армијата, како и еден питомец кој дипломирал на престижната Воена академија Вест Поинт во Соединетите Американски Држави.
По повод промоцијата, министерот за одбрана Владо Мисајловски им упати честитки на новите офицери, нагласувајќи ја одговорноста што ја преземаат со стапувањето во офицерскиот кор.
„Со овој чин тие ја преземаат најголемата чест и одговорност, да ѝ служат на татковината, да бидат чувари на мирот, стабилноста, безбедноста и достоинствено да ја претставуваат македонската Армија, како дома, така и надвор заедно со нашите сојузници“, истакна Мисајловски.
Тој упати искрени честитки и до семејствата на новите офицери, како и до професорите и инструкторите од Воената академија, истакнувајќи дека нивната посветеност и професионализам биле клучни во подготовката на новата генерација офицери.
„Упатувам искрени честитки до новите офицери, до нивните семејства, како и до професорите и инструкторите од Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“, кои со својата посветеност, знаење и професионализам придонесоа за нивната подготовка“, порача министерот.
Свечената промоција на новите офицери претставува значаен чекор во зајакнувањето на кадровските капацитети на Армијата и продолжување на традицијата на Воената академија во создавање професионален офицерски кадар.