Алиу најави големи промени: Граѓаните ќе можат преку мобилен телефон во реално време да ги следат возилата на Брза помош и да ја проверуваат листата за чекање операции

од Вести365.МК Ј.Р.

Министерот за здравство, Азир Алиу во гостувањето во емисијата „Ноќно студио“ на „4ТВ“, Алиу рече дека Министерството секојдневно добива поплаки од пациенти кои тврдат дека им било кажувано дека за операција во државното здравство ќе чекаат со месеци, додека во приватна ординација кај истиот лекар можат да бидат оперирани веднаш.

„Пациентите нè информираат дека докторот им велел: ‘Ќе чекате три месеци за операција на државно, но ако сакате побрзо, дојдете утре после 16 часот во приватниот термин и веднаш ќе ве оперираме’. Проблемот не е цената на приватната услуга, туку тоа што пациентот нема начин да провери дали навистина е 105-ти на листата за чекање. Со новиот дигитален портал секој граѓанин ќе може преку својот мобилен телефон да ја види реалната состојба за конкретен доктор и конкретна здравствена установа“, изјави Алиу.

При подготовката на новиот систем, Министерството открило сериозни неправилности во постојните листи за чекање.

Според министерот, во системот со години останале заведени пациенти кои во меѓувреме се оперирале во приватни болници и одамна закрепнале, но формално и натаму фигурираат како лица што чекаат интервенција.

Уште позагрижувачки, како што истакна Алиу, е фактот што на листите за чекање и понатаму се евидентирани лица кои веќе подолг период се починати.

Најдовме дека во системот со месеци и години стојат пациенти во листите на чекање. Дел од нив веќе се оперирани во приватното здравство и одамна се вратиле на работа, а кај нас сè уште се водат како пациенти кои чекаат операција. Но, уште пострашно е што на листите сè уште има и лица кои веќе со години не се меѓу живите“, нагласи министерот.

Тој објасни дека расчистувањето на ваквите фиктивни записи не може да се направи автоматски, бидејќи законската регулатива не дозволува административно бришење на пациентите од системот. Затоа, медицинските тимови мораат рачно да ја проверуваат секоја евиденција, пациент по пациент, за листите целосно да се ажурираат.

Пациентите наскоро ќе можат преку мобилен телефон во реално време да ги следат возилата на Итната медицинска помош, да ја проверуваат листата за чекање операции и самите да контролираат кој има пристап до нивните здравствени податоци.

Според него, граѓаните ќе можат во реално време да видат кој пристапувал до нивното електронско досие, а ќе имаат и можност сами да одредат кои информации ќе бидат достапни за одредени лекари.

Новиот систем ќе му овозможи на секој пациент во реално време да види кој профил пристапувал до неговите податоци. Дури и кога одите кај матичен лекар, ќе имате опција да сокриете дел од податоците кои не сакате да бидат видливи. Можете да одберете тие податоци да ги гледате само вие и одреден специјалист, но не и сите останати доктори во системот — изјави министерот.

Според Алиу, новиот систем треба значително да го намали времето на одговор, кое во Македонија во одредени случаи достигнува и до 40 минути.

Времето на чекање кај нас за жал е многу долго. Во Словенија, на пример, тоа изнесува меѓу 7 и 8 минути, додека, пак, кај нас граѓаните понекогаш чекаат од 30 до 40 минути. Во здравството времето е лек – не е важна само експертизата на лекарот, туку и моментот кога ќе пристигне до пациентот — рече министерот.

Слични објави