В понеделник наутро ќе штрајкуваат грчките царински службеници на граничните премини, што дополнително ќе ги зголеми и онака долгите редици што се прават поради новиот систем на Европската Унија за влез и излез (ЕЕС).
Како што информираат од Министерството за внатрешни работи (МВР), штрајкот ќе се реализира во периодот од 05:00 до 09:00 часот по македонско време.
– Министерството за внатрешни работи ги известува граѓаните дека согласно информациите добиени од надлежните органи на Република Грција, на 27.07.2026 (понеделник) е најавен штрајк на царинските службеници на грчките гранични премини Евзони (Богородица), Дојрани (Дојран) и Ники (Меџитлија). Во периодот од 05:00 до 09:00 часот по македонско време (06:00–10:00 часот по грчко време), на наведените гранични премини патничките возила ќе се пропуштаат на секои 10 минути додека товарниот сообраќај ќе биде целосно во прекин за влез и излез од Република Грција – информираа од македонската полиција.
Од страна на МВР ќе се преземат сите мерки и во функција ќе бидат ставени сите човечки и технички капацитети, додаваат од полицијата.