Трамп се соочува со апсење, ги повика своите приврзаници повторно на бунт

од Вести365.МК | Е.Д.

Откако беа сослушани последните сведоци во истрагата, се очекува да биде соопштено обвинение против поранешниот американски претседател Доналд Трамп, кој претходно напиша дека располага со информации според кои денеска му се подготвува апсење и ги повика неговите приврзаници да излезат на масовни протести.

Адвокатот на Трамп, Џо Такопина изјави дека поранешниот претседател е подготвен „гласно и гордо“ да им се предаде на властите во Њујорк. Адвокатот Такопина рече дека ќе се води „сеопфатна војна“ доколку окружниот обвинител на Менхетен, Алвин Брег, поднесе кривично обвинение против Трамп, кој е обвинет за кршење на законите за финансирање на кампањата со отплата во пари во 2016 година на порно актерката Сторми Даниелс.

„Во овој момент, ова е сеопфатна војна. Тој ќе биде таму, гласен и горд. И нема никој што ќе го натера да се прикрие. Но, повторно, да видиме каде ќе одат, да видиме каков е процесот. Сето ова е ново за сите.“ – изјави Џо Такопина адвокат на Трамп.

Ако биде подигнато кривично обвинение против Трамп, тоа би било прв пат во американската историја да биде уапсен еден поранешен претседател поради обид за заташкување. Во времето додека Трамп беше телевизиска риалити ѕвезда, во 2006 година имал афера со порно актерката со уметничко име Сторми Даниелс.

Така барем тврди таа, а Трамп негира. Десет години подоцна, кога Трамп се кандидираше за претседателската функција, тој ја замолчил Даниелс плаќајќи ѝ 130.000 долари, пари кои ѝ ги предал неговиот тогашен адвокат и денешен критичар, Мајкл Коен.

Вчера, група демонстранти се собраа во паркот спроти судот каде њујоршките обвинители ја завршуваат истрагата за тоа дали поранешниот американски претседател Доналд Трамп се вклучил во нелегална шема за замолчување во која е вмешана и Сторми Даниелс.

Слични објави