Жестоки сцени се одиграа рано утрово пред зградата на правосудните органи во Нови Сад, каде што втор ден по ред продолжува блокадата организирана од граѓани и студенти. Уште пред 5:30 часот наутро, во дворот на судот влегоа припадници на Жандармеријата и на полициската интервентна бригада, целосно опремени за разбивање демонстрации.
На теренот веќе се наоѓаа голем број граѓани, од кои дел ја минале целата ноќ дежурајќи во смени. Ги пречекаа припадниците на полицијата со отпор, но акцијата што следеше предизвика голема вознемиреност – полицијата употреби бибер спреј врз демонстрантите, меѓу кои имаше и ученици.
Како што јавува репортерот на Н1, полицајците се пробија до службениот влез на судот, а на вториот влез на зградата дојде до турканица меѓу граѓаните и Жандармеријата. Во судирот едно лице е повредено, а на покривите на некои од возилата на блокадата можеа да се забележат заштитни маски и шишиња со физиолошки раствор – знак дека демонстрантите се подготвени за продолжување на отпорот.
Посебна возбуда предизвика информацијата дека меѓу испрсканите со бибер спреј е и пратеникот од покраинското собрание, Бранислав Грубачки. Тој за Н1 изјави дека полицијата прво упаднала пред капијата, употребувајќи спреј и физичка сила врз демонстрантите, а потоа се повлекла. Според него, полицајците соопштиле дека мора да се овозможи влез за вработените во судот, но тоа не се реализирало.
Преку мегафон пред судот, демонстрантите соопштија дека блокадата била успешно одбранета и повикаа од понеделник во акцијата да се вклучат уште повеќе луѓе, со цел никој од вработените да не може да влезе во зградата се додека не бидат ослободени приведените активисти.