„Татко ми ми рече дека сум психопат – сакав сите така да ме помнат“ – Сведочење на детето-убиец од „Рибникар“

од Вести365.МК Ј.Р.

„Не сакав полицијата да ме убие“ – Детето-убиец од „Рибникар“ вчера четири часа сведочеше во судница во рамки на случајот што се води против неговите родители, а од дел од неговите изјави јавноста во регионот остана целосно збунета. Тој појасни зошто го фрлил оружјето, но и зошто за себе смета дека е психопат

Детето-убиец кое минатата година на 3-ти мај уби деветмина соученици во училиштето „Владислав Рибникар“ во Белград вчера (17.10) сведочеше повторно во судницата во Специјалниот суд.

Иако судењето е затворено за јавност, српските медиуми повикувајќи се на изјави на очевидци изнесуваат детали од неговото сведочење, и од одговорите што тој им ги давал на родителите на убиените деца.

Според изјавите на присутните во судницата, 14-годишниот Коста Кецмановиќ пред присутните одговарал ладнокрвно и без емоции, а како што пренесува српски „Blic“ кога го прашале зошто ги убил врсниците, присутните останале вџашени од неговиот одговор.

„Рече дека сакал луѓето да го доживуваат како психопат и да остане запаметен“ – пишува весникот.

На прашањето дали некој некогаш му рекол дека е психопат, Коста рекол дека тоа му го кажал татко му.

Тој повторно нагласил дека родителите постојано го терале да биде најдобар во сè, но и дека масакрот никогаш немало да се случи ако татко му немал оружје и не го носел во стрeлиште да пука.

„На прашањата дали би ги убил врсниците ако немал оружје и ако татко му не го водел во стрелиште, тој повтори дека немало да го стори тоа.

Наведе и дека немало да оди во стрелиште по првата посета ако не го фалеле дека е добар во гаѓање“ – пишува српски Курир, повикувајќи се на сопствени извори.

Тој се држи до приказната дека мета му биле учениците и од седмо одделение затоа што се чувствувал отфрлено и неценето, а рекол дека немал воопшто другари, па дека не му биле пријатели ниту децата што доаѓале во неговиот дом.

На голем број од прашањата поставени во судницата, Коста одговарал со: „Не знам и не се сеќавам“, но кога го прашале зошто ја извадил муницијата и го фрлил пиштолот кога дошла полицијата, тој ладнокрвно одговорил:

„Заради лична безбедност, за полицијата да не ме убие“.

Инаку, Коста вчера четири часа давал исказ пред Специјалниот суд.

За потсетување, тој не е обвинет во процесот, туку има улога на сведок во постапката што се води против неговите родители Владимир и Миљана Кецмановиќ.

Татко му е обвинет за тешко дело против општата сигурност, затоа што го носел синот во стрелиште, го учел да пука и му обезбедил пристап до оружје, додека мајка му е обвинета за незаконско држење оружје.

Инаку, Коста во моментов се наоѓа во психијатриска болница и му е забранет секаков контакт со родителите.

Слични објави