Судење Онкологија: Пред секое давање хемотерапија мора да се мери тежината на пациентот, тврди вештакот Равник од Словенија

од Вести365.МК Ј.Р.

Две жени вештаци од Словенија ангажирани на барање на Обвинителството сведочат за лекувањето на пациентите на Клиниката за онкологија во предметот каде за тешки дела против здравјето на луѓето обвинет е ексдиректорот Никола Васев, а за несовесно лекување болни се обвинети докторите Симонида Црвенкова и Драган Јакимовски.

Вештаците се Маја Равник и Јасмина Јордан, вработени во Клинички центар Марибор и на Универзитетот Марибор.

Вештото лице доктор Маја Равник одговарајќи на прашањата на обвинителката Ана Гоговска Јакимовска се претстави – дека во 2011 го положила европскиот испит за интернистичка онкологија (ЕСМО), во 2012 година положила специјалистички испит по интернистичка онкологија по што работи во Клинички центар Марибор, а од 2016 е началник на одделот за онкологија во Клиниката. Од 2022 година таа е национален координатор за специјализации во Словенија по онкологија. Предава онкологија на Медицинскиот факултет во Марибор и раководи со различни клинички студии.

Обвинителката ја праша Равник врз основа на кои медицински критериуми се одредува терапија.

-Најважно е да се има хистолошки наод за видот на карциномот пред терапијата. Но потребни се и молекуларни и генетски анализи кои помагаат да се аплицира соодветна онколошка терапија. Треба да се знаат и карактеристиките на пациентот, стадиумот на болеста, коморбидитетите, терапијата што ја прима и во каква клиничка состојба е тој, рече докторката Равник.

Според неа ако има точна патохистолошка генетска и молекуларна анализа може да се одбере оптимална терапија за пациентот. Секогаш треба да се има дијагноза пред да се почне лекувањето на ракот, смета вештакот. Таа додаде дека ако пациент со рак има ковид, во периодот на активното воспаление на ковидот онколошката терапија треба да се прекине. Докторката рече дека терапијата мора да биде согласно протоколите за лекување за да биде успешна и безбедна за пациентот, а во Европа се следат европските протоколи базирано на кои треба да се изработат државните протоколи.

-Ако државата нема свои, тогаш треба да се придржува до европските протоколи, рече Равник.

Таа рече дека лек не смее да се дава без индикација – а индикација значи дека различни клинички студии го имаат покажано бенефитот на лекот кај лекувањето определена онколошка болест. Пред почнување онколошка терапија Равник рече  дека треба да се има хистопатолошки доказ за ракот, дијагностика која е генетска и молекуларна, да се знае колку е раширен ракот, дали е метастазиран или во рана фаза, да се знаат спецификите на пациентот, алергии, кои лекови ги прима, коморбидитетите и кондицијата на пациентот.

-Онколошките пациенти за разлика од другите имаат тешка болест која бара различни тераписки пристапи, кои за пациентот може да бидат и токсични и штетни и може значајно да влијаат на неговиот квалитет на живот. Определени тераписки пристапи како системското лекување може да бидат и опасни по живот на пациентот и можен е и смртен исход. Секоја болест е сериозна ама во онкологијата користиме токсични лекови – рече докторката.

-Дали терапија се препишува врз основа на клинички студии? – праша обвинителката.

-Препишувањето секогаш се базира на комплетен процес на клинички студии зашто така се констатира ефикасност, безбедност, бенефит од лековите кај определени болести и така лекот добива индикација за лекување – одговори докторката Равник.

Според неа, само по исклучок може да се користат определени лекови без да има индикација и тоа само по консултација на мултидисциплинарен конзилиум, а потоа треба да се консултира и осигурителното друштво дали може ваквото лекување да се користи.

-Ако пациентот е во слаба состојба, терапијата нема да има за него корист и треба да се очекуваат повеќе компликации и токсичност и затоа при секое продолжување на терапијата се проверува општата состојба на пациентот – сведочеше докторката.

Таа рече дека пред секое давање хемотерапија мора да се мери тежина на пациентот зашто тој може да ослабе од болеста и да биде предозиран, или ако се поправи дозата има опасност да е недоволна и неефикасна.

Слични објави