Стоечки овации за МАКЕДОНСКА ФИЛХАРМОНИЈА во Виена!

од Вести365.МК Ј.Р.

Кулминација на совршенство, волшебна ноќ со која испишавме нова страница во македонската историја, за македонската култура, вели Марко Виденовиќ член на Македонската филхармонија повеќе од дваесет години за настапот во Златната сала на Музикферајн во Виена – една од најпрестижните концертни сали во светот.

Виденовиќ музицира на виола и е водач на виоли во оркестарот. Пишува поезија, компонира, а воодушевеноста од како што вели магичниот настап на Филхармонијата и солистите Ана и Игор Дурловски, врвни професионалци, ја сподели на социјалните мрежи.

„Некои седумдесетина души пристигнуваат во Виена. Малку повеќе изморени од патувањето, но многу повеќе возбудени од она што треба да го сторат на највисоко ниво. Следниот ден навидум одморени, но за една ноќ тешко кој може да се одмори, како и да е, влегуваат во една од најпрестижните концертни сали во светот, и секој од нив возбуден во очите му се гледа сето тоа, во однесувањето, низ меѓусебните разговори…искрат измешани чувства.

По првиот отсвирен тон магијата почна да работи. За да биде уште поволшебно, на сцената излегуваат Ана и Игор Дурловски , е дури за ова немам зборови да опишам. Солзи кај нас на сцената, солзи во публиката, кулминација на совршеноста. На крајот остануваме повторно сами, ние уметниците од Македонската филхармонија, и се создава уште една магија. Аплауз од скоро пет-шест минути, можеби и повеќе, нормално бис и скоро две илјади среќни души. Да усреќиш еден човек е огромен успех, а замислете ако тоа го постигнете кај скоро две илјади, неописливо чувство.

Би пишувал два дена, но и ова е предолго, но сакам само да кажам дека денеска испишавме нов лист во македонската историја, за македонската култура. Жал ми е што нашата прекрасна сала во Скопје не е секогаш исполнета до последното место, но тоа не е наша вина, тоа е проблем на целиот систем, но и покрај сѐ, онаа публика која ја имаме е искрена и ни е ветер во грб. Веќе следната седмица почнуваме со нашите редовни концерти кои оваа виенска публика не би ги пропуштила, па зошто тоа да го пропушти македонската.

Македонската филхармонија е големо семејство во кое како и во секое, има проблеми и препреки, но ако се сака, сѐ може да се реши. Почнувајќи од музичарите, па преку сценските работници, нототека, администрацијата, раководителите па сѐ до хигиеничарите, секој еден е дел од овој историски успех. Нека ни е вечна Македонска филхармонија и вака да ни е најлошо!“, стои во објaвата на Виденовиќ на неговиот фејсбук  профил.

Македонската филхармонија со свечениот концерт во престижната Златна сала на Музикферајн во Виена, каде традиционално се одржува и прочуениот новогодишен концерт на Виенската филхармонија,  го одбележа својот голем јубилеј – 80 години од основањето, а воедно и во нзакот на 30 години од дипломатските односи меѓу нашата земја и Австрија.

Настапот на Македонската филхармонија во Виена беше поддржан од Министерството за култура и туризам и од македонската Амбасада во Австрија, како дел од проектот за културна дипломатија и интернационална промоција на македонската уметност.

Фото:  Марко Виденовиќ фб

Слични објави