Средните училишта со медицинска струка нема повеќе да запишуваат вонредни ученици

од Вести365.МК | Е.Д.

Средно образование за медицинска сестра, фармацевтски техничар и за други профили од здравствена струка повеќе нема да може да се завршува вонредно. Од Министерството за образование и наука велат дека до училиштата кои имаат насоки од здравствена струка е испратен допис со кој се бара запишувањето вонредни ученици да се стави во мирување.

Од Министерството не ја прецизираат причината за оваа одлука, само нагласуваат дека таа е донесена за да се заштитат националните интереси.

„МОН испрати допис до сите училишта во кои се реализира здравствена струка, дека запишувањето вонредни ученици се става во мирување. Одлуката е донесена во насока на заштита на националните интереси, а согласно анализа на состојбите на пазарот на трудот“,нагласуваат од МОН.

Неофицијално, заинтересираните за завршување вонредно средно образование најчесто се кандидати кои веќе имаат завршено некое друго средно училиште, но сакаат да се преквалификуваат со намера да стекнат диплома во овие области и да конкурираат за работа во странство.

Слични објави