Можни привремени прекини и ограничувања на банкарските услуги во текот на претстојниот викенд. Македонската банкарска асоцијација информира дека сите банки на 7 и 8 ноември ќе спроведуваат технички прилагодувања на своите системи, поради воведувањето на новите стандарди во денарскиот платен промет, кои стапуваат во примена од понеделник, 9 ноември.
Ограничувањата најмногу ќе се однесуваат на платежните трансакции, но точните термини, услугите што ќе бидат опфатени и времетраењето на прекините ќе ги соопшти секоја банка поединечно.
Од Асоцијацијата ги повикуваат граѓаните и компаниите навреме да ги планираат плаќањата и да ги следат известувањата од своите банки за да избегнат евентуални проблеми во текот на викендот.
Од понеделник почнува примената на новите платни налози, новите шифри за целта на плаќањето и користењето на платежните сметки во ИБАН-формат. Постојните броеви на сметките нема да се менуваат, а нивното прикажување во новиот формат во електронското и мобилното банкарство автоматски ќе го приспособат банките.
Од Македонската банкарска асоцијација уверуваат дека станува збор за однапред планирани технички активности, кои се дел од модернизацијата на националниот платен промет.