Двајцата вештаци од Електротехнички факултет во Скопје беа сведоци на денешното судење за опожарувањето на модуларната болница во Тетово. Влатко Стојков рече дека анализата направена во две модуларни болници во други градови, покажала дека инсталацијата е во согласност со проектот.
„Не можевме да ја анализираме внатрешната електрична инсталација на модуларната болница во Тетово поради големите оштетувања, но таа анализа ја направивме во модуларната болница во Гостивар и Кавадарци и можам да кажам дека инсталацијата е во согласност со проектот“, рече експертот Стојков.
Двете медицински сестри Даниела Симјаноска и Флутурије Ислами кои денеска сведочеа, а биле прва смена дента кога избувнал пожарот, рекоа дека во лекарската соба имало апарат за гаснење пожар.
„Видов во просторијата каде што престојуваше лекарскиот тим поставени противпожарни апарати. Мислам дека имаше само 1 апарат за гаснење пожар додека на вратата од главниот влез на модуларната зграда имаше натпис „забранет е влез на цивили“, но не видов клуч на вратата или чувар“, рече сестрата Симјаноска.
„Го видов апаратот за гаснење пожар во просторијата каде што беа лекарите, но не се сеќавам многу добро, бидејќи бевме многу зафатени со работа. На вратата имаше натпис „влезот е забранет за цивили“. Ние што бевме на смена ја затворавме вратата“, рече сестра Ислами.
Следното рочиште за пожарот во модуларната болница во Тетово е закажано за 6 април.
Судската одлука за модуларната болница во Тетово се очекува да биде донесена по следните две рочишта. Во пожарот во тетовската модуларна болница, кој според домашни и странски стручњаци бил предизвикан од продолжен кабел каде што бил приклучен дефибрилаторот, починаа 14 лица, од кои дел беа пациенти, а дел членови на семејството кои се грижеа за нивните блиски.