Гостивар влегува во нова фаза по епидемијата предизвикана од загадената вода, а здравствените власти сега особено ќе ја следат можната појава на хепатитис А и Е, познати и како жолтица.
Министерот за здравство Сашо Клековски информираше дека акутната фаза на епидемијата постепено се смирува, но по консултација со Комисијата за заразни болести е одлучено да се воведе засилен здравствен надзор во постакутниот период, објави 4news.mk
„Фокусот треба да биде ставен на следење на хепатитис А и Е, но и на други заразни болести кои можат да се појават по завршувањето на епидемијата. Клучно е раното препознавање на случаите за да може навремено да се реагира“, изјави Клековски.
Тој посочи дека до Центарот за јавно здравје, здравствените установи и матичните лекари ќе бидат доставени конкретни насоки за следење на состојбата, како и за комуникација со граѓаните.
Според последните податоци, во Гостивар се регистрирани 4.303 заразени граѓани, откако на 17 јули беше воведена забрана за користење на водата за пиење поради утврдено загадување на градскиот водовод. Епидемијата беше прогласена на 19 јули, а Владата на 21 јули воведе 30-дневна кризна состојба.