По Груби и Османи ја обвини Русија

од Вести365.МК | М.Т.

И министерот за надворешни работи Бујар Османи, како неговиот колега од ДУИ вицепремиерот Артан Груби ја обвини Русија за многу проблеми во земјава. Вчера Груби обвини дека Русија се мешала во Македонија во секој сегмент, а рускиот претседател Владимир Путин сакал да ја дестабилизира Македонија со меѓуетнички тензии.

Денеска и Османи ја обвини Русија.

Тој во интервју за „Еуроњуз“ изјави дека Русија користела дезинформации и лажни вести со цел да го забави пристапувањето на земјите од Западен Балкан во Европската Унија.

„Фрустрацијата поради одложувањето на пристапувањето на Северна Македонија во ЕУ создава простор за Русија да сее раздор во земјата преку „арсенал“ на хибридна војна“, рече Османи, кој вчера во Брисел присуствуваше на панел-дискусија на конференцијата „Позадината на дезинформациите: Зајакнување на нашите општества против манипулациите и мешањето на странските информации“, чиј домаќин беше високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел.

Според него Русија користи насочени кампањи за дезинформации, вклучително и ширење лажни вести преку интернет тролови, за, како што посочи, да го „растури социјалното ткиво на општеството“ во земјата како и во Западен Балкан и да го забави нивното пристапување во ЕУ.

„Очигледно Русија дизајнираше дезинформации за да ја спречи Северна Македонија да ги постигне своите стратешки цели, а тоа се членството во НАТО и ЕУ“, додаде Османи.

Според него, единствениот одговор е недвосмислено да се продолжи со агендата за евроатлантските интеграции.

Слични објави