Починал Љупчо Грнчиштаров, кој со години беше главен инспектор во Дирекцијата за заштита и спасување, а беше еден од обвинетите за трагедијата во Кочани која загинаа 63 млади луѓе, над 200 беа повредени.
Тој беше обвинет во големиот предмет што се води против 35 обвинети, меѓу кои и функционери во државни институции и три фирми, а сите се товарат за исто кривично дело „тешки дела против општата сигурност“.
– Јавното обвинителство е известено. Обвинетиот починал откако му се слошило во домашни услови. Основното јавно обвинителство Скопје ќе издаде наредба за обдукција – потврдија од Обвинителството.
Грнчиштаров имал 54 години, а ја извршувал функцијата генерален инспектор во ДЗС до 2013 до кобниот 16 март 2025 година, кога се случи трагедијата. На судските рочишта тој ниту еднаш не се пожали на својата здравствена положба, а последно бил во куќен притвор.
Минатата година во октомври, уште пред да има обвинение, почина еден од осомничените полицајци за пожарот во „Пулс“, Владо Петров. Тој како пензиониран полициски службеник беше осомничен дека додека бил главен инспектор за сообраќајни работи потпишал документ за паркинг-просторот пред т.н. дискотека „Пулс“ во Кочани.
За трагедијата во тек се три судски процеси, еден во кој се обвинети над 30 лица, сите за исто кривично дело, а другите судски процеси се за обвинетите полицајци.