На 77-годишна возраст почина популарниот актер Димче Мешковски- Мешко. Човекот кој зад себе остави ризница од одлично одиграни улоги во ,,Солунски патрдии”, ,,Хихириху”, ,,Женски оркестар”, ,,Викенд на мртовци” и многу други театарски и филмски улоги, по многуте здравствени проблеми со кои се соочуваше изминативе години, замина во вечноста.
Генерациите го памтат и по неговата синхронизација на ,,Попај”, но и на многу други цртани филмови.
Димче Мешковски е добитник на „Наградата за животно дело“ што ја доделува реномираниот Македонски театарски фестивал Војдан Чернодрински во Прилеп.
Голем број пријатели и актери изразуваат сочувство и се простуваат од него преку социјалните мрежи. Меѓу првите се огласи Игор Џамбазов, која на својот Фејсбук профил, напиша: „-Збогум, драг мој Мешко. Има ли име ова? Оваа тага… Низ главава ми експлодираат спомени. Претстави, филмови, серии, радио драми, легендарното Хихирику, тезги, софри, песни, гитари, бесконечни партии карти во театарот. И многу ќеф. Што те познавав, што ме прифати како син, и што навиваше за мене и тогаш кога не требаше. Се гледаме стари…“
Комеморацијата за доајенот на македонската драмска и филмска сцена, Димче Мешковски ќе се одржи во салонот на Драмски театар Скопје на 28 март 2023 година со почеток во 12 часот.