Платите во јавниот сектор се доближија до минималната плата – Врие во синдикатите

од Вести365.МК Ј.Р.

Македонските синдикати се обединија, бараат итно да се повлече и доработи предложениот колективен договор и предлог-законот за плати во јавниот сектор, што за нив во понудената форма е неприфатлив. Синдикатите ова го побараа од Владата на седницата на Економско-социјалниот совет (ЕСС) каде што било договорено во работните групи што ќе работат за законските измени да бидат вклучени и синдикатите. Во оваа работна група ќе има и претставници од кабинетот на вицепремиерот Фатмир Битиќи, Министерствата за труд и социјална политика, за економија, за финансии, за информатичко општество и администрација, како и Организација на работодавачи и Бизнис конфедерацијата. Тие велат дека откога ќе се изготви предлог-текст за општиот колективен договор, дополнително уште еднаш да се разгледа на следна седница на ЕСС.

Трпе Деановски, од Сојузот на синдикатите на Македонија, повтори дека за сите синдикатите од јавниот сектор законот е неприфатлив, истакнувајќи дека се здружени во однос на ова прашање. Тој уште пред неколку недели, инициран од Синдикатот на самостојните клинички центри, кога се одржаа протестите на лекарите и здравствените работници реагираше на предложеното законското решение за општиот колективен договор и законот за плати.

– Потпишана е декларација од сите синдикати во јавниот сектор – ССМ, КСС, СОНК, КСОМ дека нема да го прифатиме овој предлог текст и бараме нов каде што ќе бидат вметнати синдикатите во работни групи за подготовка на законот и дека не се согласуваме со методологијата за утврдување на платитe, рече Деановски и дополни дека усогласувањето на платите не е доволно за да се смета како нивно покачување.

И од Независниот синдикат на полицијата, се задоволни од понудените измени, бидејќи како што велат ќе има голем проблем оти се занемаруваат правата на работниците во МВР. Со нивниот став се согласува и Марјан Ристески од Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија коишто посочија на повеќе забелешките од колективниот договор. Инфлацијата ги јаде платите,а многу од нив веќе се доближи и до минималната плата, која од март е 20.175 денари.

Од Министерствата за труд и социјална политика кои се истовремено изготвувачи на законските измени велат дека се работи за сложен и комплексен закон, кој бара посебно внимание, затоа сугестиите и мислењата на сите страни се од големо значење.

-Како Влада продолжуваме заедно низ дијалог, да носиме системски решенија кои се правични и даваат резултати на долг рок- посочуваат од МТСП по одржувањето на седницата на ЕСС.

Последниот Општ колективен договор е потпишан 2008 година, а во меѓувреме се настанати голем број на измени во законодавството. Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи смета дека, новиот општ колективен договор ќе даде решение за состојбата на работниците во јавен сектор.

Слични објави