Градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, денеска потпиша договор за вработување со Стефан Трпковски, кој е првото лице со Даунов синдром што ќе работи во оваа Општина.
– Стефан му раскажа на градоначалникот за своите таленти, за кошарката која била негова прва љубов, за модерните танци и освоеното второ место на Специјалната олимпијада за танцови игри, за пливањето кое веќе 10 години е негово хоби. Кажа дека се подготвува да плива на Параолимпијада во Берлин, каде задно со уште три други деца ќе ги брани боите на Македонија. Посака и во својата земја да постојат такви натпревари, стои во соопштението на Општина Кисела Вода.
Оттаму информираат дека Општината денеска се отворила и за други лица со Даунов синдром, каде што десетина од нив кои се дела од здружението „Трисомија 21“ помагале на вработените на шалтерот, издавале документи, го следеле процесот со архивирање предметите и разговарале со странки.
– За жал, Дауновиот синдром, кој Светот го одбележува денеска, во Македонија сѐ уште е табу тема. На овие простори, преовладуваат стереотипи, кои овие лица ги држат на маргините на општеството. Интересно и крајно полезно е да ги запознаеме, да видиме каква е желбата кај нив, со каква трудољубивост настапуваат кога треба да совладаат некаква вештина, истакна градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.