Деканот на Градежен факултет и професор, Горан Марковски смета дека на мостот Беласица кај Ист Гејт самите истражни работи ќе потраат околу два месеци, бидејќи се треба да се изработи внимателно, бидејќи не е лесно да се направи форензика на мост после ваков пожар.
Треба да се утврдат некои карактеристики на материјалите вградени во мостот, да се знае во каква состојба се наоѓаат, а за тоа треба време, рече тој за Телма.
Додава дека колку понатаму ќе биде потребно за да се пушти во употреба мостот ќе зависи од добиените резултати.
– Тоа се некои маргини. Ако се констатира дека треба некоја скромна санација, во тој случај може да потрае пар месеци. Ако се констатира дека имаме посериозни оштетувања, јас се надевам и поскапувам да не биде таков случајот, во тој случај можна е и една година да трае обновата. Сепак, тоа ќе зависи од законските процедури кои ќе мора да се испочитуват, кои се пропишани, колку ќе мора да се пропишува, дали ќе добие ургентност целиот случај за побрзо да може побрзо да се делува и да се надмине состојбата. Но, генерално тоа се маргините во кои може да очекуваме конечно решение за овој мост –истакна Марковски.
Мостот „Беласица“, кој се наоѓа во непосредна близина на трговскиот центар „Ист гејт мол“, беше оштетен по пожарот кој ја зафати инсталацијата на мостот, по што мостот е надвор од употреба, а тоа создава голем хаос во центарот на градот бидејќи сега сите возила се насочуваат кон мостот кај МАНУ.