Најрано до 21 ноември нема да добиете плата, ако фирмата која треба да ја изврши уплатата, има сметка во АЛТА банка

од Вести365.МК Ј.Р.

Продолжува агонијата на лицата кој на било каков начин се поврзани со АЛТА банка. Оние кои имаат сметка во банката, можат да повлекуваат по 10.000 денари неделно. Можат да се вршат и внатрешни плаќања во рамки на банката меѓу имателите на сметка таму, но одлевање на средства на сметки во други банки не смее да има. Тоа би значело дека ако примате плата преку некоја од другите банки во Македонија, а фирмата поседува сметка во АЛТА банка, од која треба да биде извршена уплатата на плата, засега не можете да земете плата.

Најоптимистичкото сценарио укажува на тоа дека плата нема да земете барем до 21 ноември, период до кога новоназначите администратори од Народна бнака, треба да ја утврдат финансиската состојба на банката и да достават извештај до Народната банка. Од увидот во состојбата на банката, НБМ ќе ги одреди натамаошните чекори, меѓу кои и можноста за одблокирање на сметките на правните лица, заради исплата на тековните трошоци, вклучително и плати.

Гувернерот Трајко Славески ја подотвори можноста во меѓувреме да се најде некое преодно решение за фирмите кои имаат сметки во АЛТА банка, но не прецизираше какво би било тоа.

Народната банка ги разгледува и можните решенија за компаниите коишто имаат средства на сметки во банката, а треба да ги исплатат платите на вработените и да ги подмират обврските за даноци и придонеси, имајќи предвид дека законскиот рок за нивно плаќање е до 15-ти во месецот – истакна гувернерот Славески во синоќешното гостување на Топ тема на Телма.

Тој посочи дека Народната банка континуирано ја следи состојбата, а воведените ограничувања ќе се разгледуваат во согласност со развојот на настаните.

Засега нема податоци колку фирми имаат сметки во „АЛТА банка“ Битола. Покрај проблемот со исплата на плати, тие реално ќе имаат проблеми и во своето секојдневно работење затоа што не можат да вршат никакви плаќања кон фирми кои имаат сметки во други банки.

Освен правните лица, проблем имаат и физичките лица со сметки во оваа банка, посебно пензионерите.

Народната банка подготвува и посебно решение за исплата на пензиите на околу 3.500 пензионери коишто примаат пензија преку АЛТА банка АД Битола, а немаат платежни картички. Во насока на ова се разгледува можноста за еднократно подигнување до 20.000 денари преку шалтер, со цел да им се олесни пристапот до нивните средства.

Народната банка реагираше со воведувањето привремена администрација во АЛТА банка АД Битола, како заштитна мерка со времетраење до три месеци, во согласност со законската регулатива. Тимот на Народната банка, којшто е присутен во Банката, континуирано ја следи состојбата и функционирањето на банкарските услуги, вклучително и на банкоматите. Посебно внимание се посветува на изнаоѓањето соодветни решенија за граѓаните коишто немаат платежни картички.

Од вкупно 11.500 пензионери коишто примаат пензија преку Банката, околу 3.500 немаат платежни картички. За нив подготвуваме посебно решение за исплата преку шалтер. Целта е да им овозможиме полесен пристап до нивните средства, а јавноста ќе биде информирана веднаш штом ќе бидат утврдени сите потребни детали – посочи гувернерот Славески.

Во оваа насока се разгледува и можноста, исклучиво за пензионерите без платежни картички, да се овозможи еднократно подигнување до 20.000 денари, со цел да се избегнат повеќекратни посети на шалтерите и да им се олесни располагањето со средствата.

Во рамките на натамошните активности, Народната банка испратила известување до надлежниот регулатор во Србија, со барање во рок од три дена да се произнесе дали АЛТА банка а.д Белград ќе ги понуди на продажба акциите во АЛТА банка АД Битола.

Без разлика дали ќе добиеме одговор од регулаторот, по истекот на десет дена Народната банка ќе ги понуди акциите на АЛТА банка АД Битола на Македонската берза. Постои интерес од неколку потенцијални инвеститори, од земјата и од странство, за преземање на акциите на Банката. Постапката за евентуална продажба ќе се спроведе во согласност со законската регулатива и надлежностите на Народната банка. Целта е да се обезбеди избор на соодветен инвеститор којшто ќе ги исполнува законските и супервизорските критериуми за стекнување квалификувано учество и ќе придонесе за долгорочна стабилност и непречено работење на Банката – истакна гувернерот.

Славески нагласи дека роковите за преземање на следните чекори се кратки, бидејќи брзината на постапување е особено важна за изнаоѓање соодветно решение за Банката.

Народната банка продолжува внимателно да ја следи состојбата и да ги презема сите активности во рамките на своите законски надлежности, со цел заштита на интересите на клиентите и одржување на стабилноста на банкарскиот систем.

Слични објави