Муцунски: Западен Балкан да престане да биде „сива зона“ на Европа

од Вести365.МК Ј.Р.

Проширувањето е императив и за Европската Унија и за земјите кандидати, изјави министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски пред почетокот на Советот за надворешни работи на Европската Унија во Брисел, со кој претседава високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас.

Станува збор, потенцира шефот на дипломатијата, за тоа Западен Балкан да престане да биде „сива зона“ на Европа и да се создаде група држави со јасен и кредибилен пат кон членство.

Тој смета дека државата постигнала конкретни резултати во спроведувањето на Реформската агенда, особено во последните месеци, нагласувајќи дека е 100 проценти усогласена со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, што, како што истакна, ја потврдува не само посветеноста на реформите, туку и јасната стратешка ориентација кон членство во Унијата.

„Нашата порака до земјите членки е повеќеслојна. Потребно е да се оттргнеме од билатерализацијата на пристапните критериуми, но и да се засили ангажманот за прашања кои одат и пошироко од самиот процес на проширување, особено во областите на безбедноста и одбраната, економијата и трговијата, енергетската безбедност, безбедноста на храната и дигитализацијата“, истакна министерот Муцунски.

Како што информира Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, во рамки на агендата на Советот се дискутирало за односите на Европската Унија со Западен Балкан.

Притоа, разговорите биле насочени кон актуелните надворешно-политички и безбедносни прашања од заеднички интерес, со посебен акцент на натамошното јакнење на соработката во областа на надворешната, безбедносната и одбранбената политика, руската агресија врз Украина, како и пошироките регионални последици од актуелните глобални случувања.

Слични објави