МОН го промовираше порталот е-наука, национална електронска база за истражувачите, бизнисите и меѓународните научни мрежи

од Вести365.МК Ј.Р.

Новиот јавен портал е‑наука е единствена национална електронска база на податоци за сите истражувачи кои вршат научно‑истражувачка работа. Министерката за образование и наука Весна Јаневска, на денешната промоција рече дека порталот e-nauka.mon.gov.mk ги покажува истражувачите, научно-истражувачките организации, како и статистиките и индикаторите за истражувачите. Тој е поврзан и со глобалните бази на истражувачки резултати Web of Science, Scopus и Google Scholar, со што овозможува прикажување на индикатори, резултати, цитираност и h – индекс.

Ги охрабрувам сите истражувачи од државните и приватните универзитети и високообразовни установи, од јавните и од приватните научни установи, научни институти и од МАНУ, како и самостојните истражувачи што работат во Македонија, но и истражувачите со македонско потекло кои работат на странски универзитети, да пополнат апликација и да влезат во електронскиот регистар е-наука. Тој е транспарентна и сеопфатна алатка за откривање на нивната работа на домашна и меѓународна научна сцена, кажа Јаневска.

Досега се регистрирале 229 истражувачи. За секој од нив е прикажано формалното образование, вработувањето, научното звање, установата или факултетот кадешто работи, научното поле каде истражува, односно научно истражувачка идентификација, како и индикатори и резултати од застапеност во трите глобални научни бази – Scopus, Web of Science и Google Schoolar.

Преку е-наука, истражувачите добиваат можност за поедноставно поврзување со индустријата.

Преку напредни пребарувања, бизнисите сега можат да идентификуваат кој научник или истражувач се занимава со областа што им е од интерес, а тоа поттикнува нови партнерства, го претвора знаењето во економска вредност и ги забрзува иновациите“, појасни министерката Јаневска, додавајќи дека и јавниот сектор, сите институции, агенции и фондови добиваат транспарентен преглед на нашиот национален истражувачки капацитет, можност за контакти и за носење одлуки засновани на научни докази.

Порталот е-наука е достапен и за меѓународните универзитети, глобалните истражувачки конзорциуми и мултинационалните центри за истражување и развој, што создава шанси за повеќе заеднички апликации за грантови, коавторства на трудови со големо влијание и зајакнување на позицијата на нашите научници во глобални рамки.

Е-наука е заложба вградена во програмата за работа на Владата, насочена кон побрз и одржлив развој на државата.

Од година во година расте буџетот за научно-истражувачка дејност. Министерката Јаневска рече дека во 2024 биле затекнати 380 милиони денари, а веќе следната 2025 година, за наука биле одвоени 680 милиони денари. Годинешниот буџет за наука има рекорди 773 милиони денари. Во тек е реализација се научно-истражувачки проекти од национален интерес вредни над 370 милиони денари, а за кадарот на факултетите и научните установи е обезбеден бесплатен пристап од базите Web of Science и Scopus.

Слични објави