Мичиген ја тргна прокламацијата за македонско наследство од веб-страницата, бугарскиот конзул во Чикаго се жалел

Генералниот конзул на Република Бугарија во Чикаго Светослав Станков, испратил писмо до канцеларијата на гувернерката на Мичиген Гречен Витмер, во кое реагира за прогласувањето на септември оваа година за месец на македонско-американското наследство во оваа сојузна држава.

Тој бара средба со нејзиниот тим за да се најде решение за заштита на наследството на македонско-бугарската заедница во Мичиген, оти, како што вели, растела загриженоста дека прокламацијата ќе се искористи „за унапредување на себичните цели на северномакедонските националисти, вклучително и за културно присвојување на наследството на бугарските Американци“, објави Војс оф Америка.

Во прокламацијата минатиот месец Витмер напиша дека е важно да се истакне придонесот и културното влијание на македонските Американци, кои придонесуваат за американската култура преку „бизнис, спорт, уметност, политика, медицина, право, култура, кулинарски вештини и бројни други области“.

Прокламацијата повеќе не може да се најде на веб-страницата на гувернерката Витмер.

Станков навел дека Македонија е географски регион, кој спаѓа во територијата на четири различни суверени држави: Бугарија, Грција, Албанија и Македонија (поранешна југословенска република, независна од 1991 година).

Според него терминот „македонски“ немаше и не може да носи никаква референца на конкретнa македонскa етничка група во годините пред 1944 година, се вели во писмото.

Станков вели дека тој и бугарската заедница во САД се загрижени оти прокламацијата навела дека над половина милион Американци со македонско потекло живеат во САД, без да ја прецизира нивната етничка припадност или периодот на пристигнување во САД.

Според него, таквата „генерализација без извори ги храни културните обиди за присвојување на современите северномакедонски националисти“.

Тој објаснува и дека по „комунистичкото преземање на Југославија по 1944 година, комунистичката власт насилно промовираше нова македонска етничката припадност со цел да се обезбеди социјална и политичка кохезија. Прекувремено, дел од населението го прифати овој идентитет“.

Гласот на Америка на македонски побарале коментар за писмото и од бугарскиот конзул Станков и од гувернерката на Мичиген, но до објавување на текстот не добиле одговор.

Слични објави