МВР со кривична пријава против две сопственички на приватни установи за сместување стари лица

од Вести365.МК Ј.Р.

Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје против Н.Ј.(47) и Т.И. (58), двете од Скопје поради основано сомнение за сторени кривични дела „продолжена злоупотреба на службената положба и овластување“ од член 353 став 5 во врска со став 4 и став 1 и „малтретирање во вршење на службата“ од член 143 од Кривичниот законик.

МВР во координација со ОЈО во изминатите два дена обезбеди докази со кои се потврдува основано сомнение дека двете осомничени, во својство на сопственички и овластени лица на две приватни установи за социјална заштита на стари лица во Скопје, постапувале спротивно на Законот за социјална заштита и со намера да прибават за себе имотна корист потешко ги повредиле правата на згрижените лица. Двете приватни установи, во периодот од 2022 година до денес, не ја вршеле дејноста во рамки на издадените дозволи, односно сместувале корисници над дозволениот капацитет, неуредно ја воделе пропишаната евиденција за корисници на социјална услуга, не поседувале досие со стручна документација за сите корисници, не воделе евиденции за одржување на личната хигиена на корисниците, немале вработено соодветен број стручни кадри во смена, а имале вработено лица без соодветна документација за вработување и немале обезбедено четири дневни оброци со соодветна спецификација за дистрибуираните оброци, како што налагале правилата за нивно работење и условите од решенијата издадени од Министерството за социјална политика, демографија и млади. Сите недоследности и неправилности се констатирани во записник од извршениот вонреден инспекциски надзор, а за услугата која не исполнувала стандарди и законски услови, од корисниците и нивните блиски наплаќале значителен паричен износ. Месечно од двата објекти остварувале имотна корист во вкупен износ од 2.232.000 денари, се наведува во соопштението од МВР.

Слични објави