Маржите дивеат, од маркет до маркет разлика во цена и до 40 отсто

од Вести365.МК Ј.Р.

Паста за заби во еден маркет 400 денари, истата во друг 280. Омекнувач за алишта во една продавница 390 денари, во друга на акција 250. Чоколади од позната марка со цени кои се разликуваат за над 20 отсто од маркет до маркет. Ако ги прашате трговските синџири во земјава ќе ви речат дека во моментов работат со просечна профитна бруто-маржа од околу 15 проценти. Но судејќи според цените, апетитите на газдите се различни, па маржите одат и над 50 отсто како што е случајот кај вештачките ѓубрива кои се продавале со маржи над 60 проценти. Владата сигнализира дека доколку се утврдат злоупотреби или неоправдано зголемување на цените, ќе интервенира со мерки за ограничување на маржата на максимум 10 проценти.

-Доколку има девијантно однесување од страна на трговците и зголемување на маржите надвор од економски оправданите рамки, ќе реагираме со сите механизми што ни се на располагање“, изјави министерот за економија и труд Бесар Дурмиши кој објаснува дека Владата веќе има искуство со вакви интервенции во чувствителни сектори.

Според анализата изработена во соработка со Државниот пазарен инспекторат, биле следени цените на 55 основни производи во четири големи трговски синџири во периодот од 1 февруари до 1 април 2026 година. Резултатите покажуваат дека продажните цени се зголемиле за 0,4 проценти, додека набавните цени пораснале за 1 процент. Во истиот период, просечната профитна бруто-маржа кај трговците бележи намалување – од 16 на 15 проценти.

Овие податоци, според министерот, укажуваат дека трговците во одредена мера го апсорбирале притисокот од растот на набавните цени, со цел да се задржи стабилноста на малопродажните цени.

-Тоа покажува дека и тие преземаат дел од товарот во услови на економска неизвесност- посочи Дурмиши.

Кога станува збор за конкретни категории производи, кај основните прехранбени производи е регистриран благ пораст од 0,45 проценти, при што најмногу поскапеле јајцата, сирењето, маслото и киселото млеко. Овие производи вели тој се под силно влијание на берзанските движења и глобалните цени на суровините.
Овошјето и зеленчукот поевтиниле за 0,86 проценти, безалкохолните пијалаци за 1 процент, додека кај хигиенските производи има раст од 1,4 проценти. Министерот нагласи дека е клучно да се анализира изворот на инфлацијата пред да се носат нови мерки.

-Цените на основните прехранбени производи, каде што имаме директни механизми, се под контрола. Доколку инфлацијата доаѓа од други сегменти, ќе ги анализираме причините и соодветно ќе реагираме- рече тој.

Како пример за брза институционална реакција, Дурмиши го посочи случајот со трговците на автогас. Таму била утврдена маржа од дури 22 проценти, по што следел состанок со компаниите од секторот. Веднаш по разговорите, маржата била намалена на 5 проценти во големопродажба и 5 проценти во малопродажба, без да се воведат формални рестриктивни мерки.

-Доколку ова не се случеше, ќе бевме приморани да интервенираме со конкретни одлуки- рече министерот, додавајќи дека ваквиот пристап, комбинација од дијалог и можност за регулаторна интервенција дава резултати.

Слични објави