Премиерот на Косово Аљбин Курти денеска изјави дека е оптимист дека на претстојната средба во Охрид ќе се постигне договор меѓу Белград и Приштина.
„За планот за имплементација треба да се разговара во Охрид, а можеби и не само во Охрид. Јас сум оптимист, но дали ќе успее средбата или не, вие добро знаете дека не зависи само од мене. Знаете дека понудив да го потпишам договорот и на 27. февруари“, изјави Курти за медиумите во хотелот „Емералд“ во Чаглавица кај Приштина.
„Ако имало неуспех во дијалогот, никогаш не бил моја вина, бидејќи бев посветен, конструктивен и креативен“, тврди Курти.
Според него, од 2 јули 2011 до 25 август 2015 година биле постигнати вкупно 39 договори и дека, како што вели, Заедницата на српски општини ги сочинува првите шест точки од договорот, која е 16-та по ред, од вкупно 39.
„Се договоривме за европски предлог, со француско-германска иницијатива, а во преамбулата има пет реченици и има вкупно 11 точки. Ајде сега да зборуваме за планот за имплементација. Знам дека Србија многу лобираше за формирање на Заедница на општини со српско мнозинство и го знам ставот на Србија, но сакам да погледнам наназад за што се договоривме и што можевте да прочитате сите, а тоа е планот за имплементација за кој треба да се преговара во Охрид, и можеби не само во Охрид“, заклучи Курти.
Најавено е дека новата рунда дијалог меѓу Белград и Приштина ќе се одржи на 18 март во Охрид, во времето кога Јозеп Борељ е во посета на Северна Македонија.