Откако министрите од ДУИ поднесоа оставки, кои ќе се ефектуираат веднаш откако пратениците на ДПМНЕ ќе гласаат за уставните измени, сега на потег е Христијан Мицкоски. Со претходно донесените одлуки на Централниот одбор на СДСМ, како и со последната одлука на ДУИ, сите услови кои ги поставуваше Мицкоски за ДПМНЕ да поддржи уставни измени се исполнети, вклучително и Влада без ДУИ, изјави Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
Ставајќи го државниот пред партискиот интерес СДСМ и ДУИ покажуваат одговорност кон врвната стратешка цел, а тоа е европската иднина на земјата и сите наши граѓани, рече таа.
Додаде дека уставните измени се влезени во собраниска процедура, јавно се објавени и откако нивната содржина е јавно достапна, никој, па вклучително и Мицкоски нема ништо против таквите измени.
– Сега, на потег е Христијан Мицкоски да докаже дали има државнички капацитет, дали му е важна европската иднина на земјата или се грижи само за својата фотелја во Белиот дворец. Членството во ЕУ е врвна стратешка цел на мнозинството граѓани, не е борба за власт туку борба за иднината на државата и од тоа СДСМ не отстапува. Гласот за уставните измени е глас за Европа, за сигурна и стабилна иднина на нашиот народ и нашата држава, изјави Кузеска.
Според неа еве уште една шанса за Мицкоски и ДПМНЕ кои со глас за Европа во македонското Собрание можат да покажат дека навистина се за европската агенда, дека европската агенда е и македонска, наместо само да кочат и блокираат.
– Мицкоски треба донесе одлука, пратениците на ДПМНЕ да дадат поддршка за уставните измени и продолжување на европскиот пат. Мицкоски да ја искористи шансата и да одлучи: Глас за ЕУ или изолација, изјави таа.