Костадиновска-Стојчевска: Да го почитуваме и негуваме јазикот и така ќе опстоиме како држава и како народ

од Вести365.МК Ј.Р.

„Мора да работиме на свеста и на афирмацијата на македонскиот стандарден јазик, да си го сакаме, почитуваме и негуваме јазикот бидејќи само така ќе опстоиме како држава и како народ“ рече министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска во емисијата „Објектив“ на МТВ.

Таа додаде дека со измените на Законот за употреба на македонскиот јазик се формира Инспекторат, кој ќе ја следи употребата и почитувањето на законските одредби.

„Ако сме пропишале во законот да се вработат лектори и да се лекторираат текстови, тогаш очекуваме тоа да биде така. Ако некоја институција нема лектор, ќе се даде рок да се вработи лектор. Инспекторатот ќе укажува ако од некаде излегол неточен, нелекториран документ. Улогата на инспекторатот не е да се казнува, туку да укажува“ рече Костадиновска-Стојчевска.

Министерката за култура рече дека Инспекторатот ќе функционира како контролен механизам во насока на унапредување на користењето на македонскиот јазик, а не како плашило или казнен механизам.

Слични објави