Премиерот Димитар Ковачевски уште еднаш потенцираше дека владата нема да дозволи да се прават екстра профити на штета на граѓаните. Тој најави можност за замрзнување на цените и на други прехранбени производи, при што калкулациите веќе се прават. Ковачевски објасни дека владата не налага ништо, туку ги базира своите одлуки на прецизни калкулации и законите мораат да се почитуваат. Во време на криза, сите треба да бидат солидарни. Одговарајќи на новинарски прашања, Ковачевски изрази разочарување од производители кои, според нивните пресметки, продавале леб по висока цена во вечерните часови.
-Нема да дозволам некој да прави екстра профит на грбот на граѓаните. Не држи објаснувањето дека мала пекараница може да произведе поевтин леб од голема пекарница. Компаниите кои во моментов не сакаат да произведуваат ваков тип леб се тие што го добија најголемиот дел од субвенциите за електрична енергија што никаде не можете да најдете на пазарот во време на криза. Тие треба да покажат одговорност, да го испорачаат она за што исто така за оваа цена имаат маржа, зашто калкулацијата беше правена од пекарската индустрија. Да се заработува на грбот на граѓаните кога треба да покажеме солидарност, е нешто најлошо што може да направи една компанија. Од друга страна, има одговорни комапнии и на нив сакам да им се заблагодарам, подвлече премиерот и дополни дека врз основа на инспекциските контроли ќе бидат носени следни одлуки.
Сите законски одредби, напомена Ковачевски, ќе бидат искористени, од законите за трговија, за заштита на потрошувачите и за заштита на конкуренцијата.