Зеленски: Ќе почекаме за контраофанзива, ни треба време

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека на неговата земја ѝ треба повеќе време за да ја започне долгоочекуваната контраофанзива против Русија, бидејќи на војската сè уште ѝ е потребна ветената помош од Западот, објави во четвртокот Би-Би-Си. Очекуваниот напад би можел да биде одлучувачки за војната и да ги промени позициите на првите линии кои со месеци остануваат непроменети.

Тоа ќе биде клучен тест за Украина, која сака да покаже дека помошта што ја доби може да резултира со големи придобивки на бојното поле. „Со (она што го имаме) можеме да одиме напред и да бидеме успешни“, рече Зеленски. „Но, ќе изгубиме многу луѓе. Мислам дека тоа е неприфатливо“, додаде тој во неговото седиште во Киев.

„Значи, мора да почекаме. Ни треба уште малку време“, рече тој.

Претседателот ги опиша борбените единици, од кои некои се обучени во земјите на НАТО, како „подготвени“, но рече дека на војската и требаат „уште неколку работи“, вклучително и оклопни возила што „доаѓаат во серии“.

Кога и каде Украинците ќе започнат контраофанзива е тајна. Руските сили ја зајакнаа својата одбрана по линијата на фронтот долга 1.450 километри што се протега од источните региони Луганск и Доњецк до Запорожје и Херсон на југ. Претседателот изрази уверување во напредокот на украинската армија и предупреди на ризикот од „замрзнат конфликт“ и додаде дека Русија „смета на тоа“.

За Киев секој резултат што на Запад се смета за разочарувачки може да значи намалување на воената поддршка и притисок за преговори со Русија, посочува украинскиот претседател. Зеленски ги отфрли стравувањата од губење на американската поддршка доколку претседателот Џо Бајден, кој вети дека ќе ја поддржува Украина онолку долго колку што е потребно, не биде реизбран во 2024 година.

Украина, рече тој, сè уште ужива двопартиска поддршка во американскиот Конгрес.

„Кој знае каде ќе бидеме кога ќе се одржат изборите? Верувам дека дотогаш ќе победиме“, посочи тој.

Засега нема реална можност за разговори за крај на конфликтот, со оглед на тоа што двете страни тврдат дека ќе се борат до победа.

Слични објави