Започна увид на пукнатиот мост па ќе одлучи за функционирањето на возовите

Екипи од јавното претпријатие Македонски железници – Инфраструктура, професори од Градежниот факултет и експерти денеска излегоа на терен со цел да направат увид во моменталната состојба со напукнатиот бетонски столб на мостот на Црна Река, на линијата Гевгелија – Велес, причина што од вчера во целосен застој е товарниот железнички сообраќај, а патничкиот се изведува со тешкотии.

Од МЖ-Инфраструктура велат дека по ова ќе се одлучи како најсоодветно да се постапи за да се воспостави непречено функционирање на железничкиот сообраќај.

„Се врши увид на моменталната ситуација по што ќе се одлучи како најсоодветно и најбрзо да се постапи за да се воспостави непречено функционирање на железничкиот сообраќај“, велат за МИА од МЖ-Инфраструктура.

Оттаму информираат дека патниците кои ги користат железничките услуги на релација Скопје – Гевгелија  – Скопје и понатаму ќе бидат превезувани до крајните дестинации, со тоа што возовите од Скопје ќе сообраќаат до станицата Градско, а возовите од Гевгелија ќе сообраќаат до станицата Неготино Вардар.

„На делот Неготино Вардар – Градско – Неготино Вардар, патниците ќе се превезуваат со автобус. Утринскиот воз, број 630 ,што досега од Гевгелија поаѓаше во 4:40 часот, од 15.11.2023 година поаѓа во 6:15 часот“, велат од МЖ Транспорт.

Бојкотот на машиновозачите кои четири дена протестираа заради неисплатени патни трошоци беше прекинат во понеделникот попладне, па некои од возовите трнгаа, некои не заради дефекти. Поради расипана локомотива завчера не тргна единствениот воз што ги поврзува Скопје, Велес, Богомила, Прилеп и Битола. Затоа денеска и нема воз од Битола за Скопје. Нема локомотива, нема вагони во Битола. А ако не се поправи локомотивата, прашање е дали попладне ќе има воз од Скопје за Битола!

Вчера пак немаше и воз од Битола за Скопје, по што попладнето попушти и железничкиот мост на Црна река поради што беше прекинат товарниот сообраќај кон Гевгелија.

Слични објави