Поради зголемена содржина на пестициди, Фитосанитарната инспекција на Република Српска во рамки на редовната проверка на пратките со храна од растително потекло, забрани увоз на тиквички со потекло од Албанија во количина од 913 килограми.
При проверка на пратката на увозникот, надлежниот инспектор извршил земање мостри за лабораториска анализа за испитување на остатоци од пестициди.
„Врз основа на извештајот за лабораториска анализа издаден од Институтот за вода во Бијелина, анализираниот примерок откри зголемено присуство на пестицидите „металаксил“ и „металаксил-М“, над вредностите пропишани со Правилникот за максимални нивоа на остатоци од пестициди во и за храна и добиточна храна од растително и животинско потекло“, се вели во соопштението, а пренесува „Агроклуб“.
Инспекторот, се додава, донел решение со кое наредува уништување на спорната пратка под надзор на надлежен инспектор.