Ескалација на протестите во Албанија

од Вести365.МК Ј.Р.

Протестите во Албанија продолжуваат и денеска во повеќе градови, а главните барања на демонстрантите се оставка од владата и од премиерот Еди Рама.

Во Тирана протестите влегуваат во седмиот ден, а демонстрантите почнаа да се собираат на главниот плоштад. Протестни собири се одржуваат и во Лежа, Валона, Елбасан и Скадар, каде што на демонстрантите им се приклучија средношколци и студенти, пренесуваат албанските медиуми.

Во Скадар, студентите повикаа на бојкот на наставата, додека во Лежа група средношколци ја прекинаа наставата и започнаа протестен марш. Протести се одржуваат и во Елбасан, каде што демонстрациите продолжуваат четврти ден по ред. Во Валона, студентски протест беше најавен за 11 часот, а полицијата беше присутна во близина на ректоратот, каде што се собираа учесниците.

Албанскиот премиер Еди Рама на претпладневната прес-конференција ја обвини опозицијата дека ги поддржува насилните протести и предупреди на последици за малолетниците и учениците вклучени во немирите.

Рама изјави дека е подготвен за дијалог со сите, но исклучи разговори со политичките сили за кои смета дека поддржуваат насилство.


– Дијалог со секого, освен со политичките сили кои се за насилство. Сите други се добредојдени, подготвен сум да одам и да слушам – рече Рама.

Тој додаде дека премиерската функција ја гледа како мисија што му ја довериле 850.000 Албанци со мандат до 2029 година.

Според албанските медиуми, Рама ветил и награда од 2.500 евра за секој полицаец распореден во првите редови во справувањето со насилството за време на протестите.

Реакција пристигна и од Европската комисија, која го осуди насилството во Тирана и во другите албански градови. Од Комисијата порачаа дека одговорните за насилните инциденти мора да бидат изведени пред лицето на правдата, нагласувајќи дека секој одговор на насилството мора да биде законски и пропорционален.

– Го осудуваме насилството во Тирана и другите албански градови. Насилството нема место во демократско општество, а одговорот на него секогаш мора да биде легален и пропорционален – се наведува во соопштението.

Студентските протести започнаа поради долгогодишните проблеми во образовниот систем, но со текот на деновите незадоволството се прошири и на други делови од општеството, а барањата добија и политичка димензија.

Меѓу главните проблеми што ги посочуваат студентите се лошите услови за студирање, недоволните инвестиции во образованието, високите трошоци за изнајмување станови и недостигот од студентски сместувачки капацитети.

За време на протестите беа регистрирани судири со полицијата, насилни инциденти и оштетување на јавен имот и институции. Демонстрантите најавуваат дека нема да се откажат од барањата и дека протестите ќе продолжат.

Слични објави