Синодот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија денеска едногласно го избра игуменот Георгиј за нов митрополит на Дебарско-кичевската епархија.
Одлуката доаѓа откако оваа епархија остана без поглавар по смртта на митрополитот Тимотеј во ноември минатата година.
Игуменот Георгиј, кој до неодамна беше декан на Богословскиот факултет, во текот на само неколку дена помина низ духовна преобразба – се замонаши на 27 мај, на 28 мај беше ракоположен за јероѓакон, а на 29 мај за јеромонах. На празникот Педесетница, беше произведен и за игумен од страна на архиепископот г.г. Стефан.
Со денешната одлука, тој ја презема духовната и административната одговорност над една од најзначајните епархии на МПЦ-ОА, која опфаќа дел од западна Македонија, вклучително и Охрид и Кичево.
Изборот беше направен со просто мнозинство, но според информации од Синодот, сите 12 владици гласале „за“, што го прави изборот на Георгиј целосно консензуален.