Наведената иницијатива од хуманитарен аспект треба да се подржи и почитува, меѓутоа пред нешто да ветиме, треба да согледаме дали истото можеме да го исполниме, вели поранешниот генерал-потполковник и поранешен началник на ГШ на АРМ, Горан Котески во разговор за „Локално“, во однос на можноста украински војници и деца да се рехабилитираат во Македонија по примерот на Хрватска.
Според него, овде не се работи за желба туку за одговорна функција која подразбира санитетски транспорт, сместување и лекување на лица погодени од воен конфликт.
-Русија сигурно за оваа иницијатива нема да има позитивно мислење, но истото ќе биде во поблага форма во споредба кога ѝ дававме оружје и муниција на Украина, објаснува поранешниот началник.
-Следно прашање е дали за исполнување на оваа иницијатива ќе добиеме одредена финансиска помош или финансиските средства ќе ги обезбедиме сами. Иако нашите граѓани се гостопримливи, секојдневни проблеми кои ги имаат со здравствените услуги во нашиот здравствен систем, еден дел од граѓаните ќе имаат негативно мислење во спроведување на една ваква иницијатива, заклучува военото лице.