Владата на СДСМ и ДУИ уште во 2006 година го потпишала договорот за концесија за отворање на рудник и ископ на минерални суровини во локалитетот Иловица. Истиот договор е потпишан од Фатмир Бесими со претходна одлука на Владата на СДСМ и ДУИ за давање на Концесија од 25 април 2006 година, кој тогаш бил министер за економија, велат од ВМРО-ДПМНЕ во соопштение до јавноста.
Тие посочуваат дека сега после цели 17 години, Димитар Ковачевски ги продолжува криминалите на тогашната коалиција СДСМ-ДУИ.
Спојувањето на концесијата за ископ на бакар и злато во Иловица е спротивно на волјата на граѓаните од струмичко.
– Но, Ковачевски ги исполнува барањата на неговиот шеф Али Ахмети и ДУИ, бидејќи лицето кое е блиско до ДУИ, Назиф Дестани сака да профитира милионски суми на пари. Дополнително, врв на лицемерието е што и министрите на Ковачевски велат дека министерот за економија од ДУИ, Крешник Бектеши ги излажал и затоа гласале на владина седница одлука за спојување на концесиите за отворање на рудник за ископ на бакар и злато во Иловица, истакнуваат тие.
Додаваат дека доколку беа излажани до сега истите требаше во најмала рака да си поднесат оставка и да бараат оставка и одговорност од Бектеши.
– Бизнис интересите на ДУИ поддржани од СДС и Ковачевски стигнаа и до источниот регион. Во СДСМ ништо не се променило, и тогаш и сега единствено важни им се бизнис зделките и милионите. Му порачуваме на Ковачевски наместо да се пењави по телевизии и да дава изјави дека Владата на ВМРО-ДПМНЕ ја дала концесијата, прво нека се информира и нека бара одговорност од ДУИ. Ковачевски работи на штета на здравјето на граѓаните и против нивните интереси. СДСМ и ДУИ набрзо ќе заминат во длабока опозиција, а Ковачевски и Ахмети ќе одговараат, потенцираат од ВМРО-ДПМНЕ.