Илјадарката поткуп од владата на Ковачевски е потценување, инфлацијата ја изеде во првиот час од месецот. Народот не е на продажба, поткупот на власта не го решава проблемот, потребно е реално зголемување на платите и пензиите, 600.000 се во сиромаштија, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Потенцираат дека мерките на власта покажуваат две работи. Прво дека заради СДС и ДУИ народот се повеќе тоне во сиромаштија. И второ дека власта сака таа сиромаштија да ја искористи, па преку изборен поткуп да добие глас повеќе.
– Таканаречените антикризни мерки не го решаваат проблемот, 600.000 луѓе живеат со 150 денари на ден, тоа е секој 3-ти Македонец. За да излезат од сиромаштија граѓаните имаат потреба од темелни реформи, трајно зголемување на пензиите како што предлага ВМРО-ДПМНЕ, зголемување на платите и реален раст на економијата, посочуваат тие.
Во соопштението се додава дека поткупот кој власта го вика помош од 500 или 1.000 денари, во услови кога инфлацијата е двоцифрена не решава ништо кај граѓаните, само ги понижува.
– Затоа што додека власта дели милионски тендери и безмилосно троши народни пари, продава милостиња за народот во вид на помош со која не може да се купат нити 2 килограми кашкавал, нагласуваат тие.